Албанија денес се вбројува меѓу најбрзо растечките економии во Европа, а Централната банка на Албанија одиграла клучна улога во тоа постигнување благодарение на својата посветеност на стабилни монетарни политики, регулаторна рамка и институционална транспарентност, изјави директорката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) Кристалина Георгиева.
По повод 100-годишнината од основањето на Централната банка на Албанија, Георгиева истакна дека овој јубилеј не е само прослава на долговечноста на институцијата, туку и доказ за нејзините одржливи реформи и визија.
„Албанија е посветена на приклучувањето кон Европската унија и бележи постојан напредок кон тој цел. Банката на Албанија има клучна, посветена и визионарска улога на овој предизвикувачки пат, поддржувајќи ја земјата во искористувањето на можностите што ги нуди членството во ЕУ“, рече Георгиева во своето видео-обраќање, пренесува МИА.
Таа додаде дека ММФ ќе остане постојан партнер на Албанија во процесот на нејзино приближување кон Европската унија, преку поддршка во политиките, истражувањата и развојот на институционалните капацитети.























