Во Црна Гора оваа година се поднесени 66 обвиненија за фалсификувани дипломи за завршено образование, речиси двојно повеќе отколку во 2024 година, јави црногорската национална телевизија РТЦГ. Лани беа поднесени 38 обвиненија, додека во 2023 година нивниот број изнесувал 28.
Зарија Павиќевиќ од невладиното здружение „Алтернатива Црна Гора“ предупредува дека лажните дипломи се сериозен удар врз системот на еднакви можности и довербата на граѓаните во институциите. Тој истакнува дека проблемот произлегува од децениски недостиг на контрола и одговорност.
„Можеме да донесеме најдобри закони и да формираме многубројни комисии, но ако судиите и обвинителите не покажат решителност и професионализам, проблемот само ќе се повторува. Притисокот и селективната правда ги уриваат сите институционални напори“, вели Павиќевиќ.
Според податоците на „Алтернатива Црна Гора“, бројот на фалсификувани дипломи во јавниот сектор надминува 25.000, иако официјална статистика за тоа во моментов не постои.























